Понесен од прекрасните и восхитувачките победи на македонските кошаркари кои се надоврзаа и совршено поклопија со прославата на 20 годишнината од независноста на Македонија минатиот септември го напишав следниот текст: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92711924317&id=13&setIzdanie=22391 . Како млад човек кој неизмерно ја сака и почитува Македонија, а воедно активно го следи спортот и долги години ги посетува стадионите и спортските сали и истовремено се занимава со општествените феномени, се решив повторно да напишам текст околу овие појави во екот на победите на македонските ракометари на европското првенство во Србија, во чија прва фаза во Ниш и самиот бев меѓу бројните македонски навивачи.
Како што напишав уште во текстот од септември, во 21 век и ерата на глобализација, не ни се потребни војните кои шират омраза, страдања и недоверба, за да го јакнеме нашето национално чувство и припадност кон Македонија. Во денешно време тука се спортот и спортските победи, достигнувањата и успесите во културата, науката, уметноста. Спортот и самиот по себе има силна морална порака за животот на секој поединец и општествениот живот, само квалитетот е клучниот и најбитен чинител кој води до успехот. Во спортот се покажуваат и вистинскиот хероизам, пожртвуваност, патриотизам, но и човечност и моралност. Познати се случаите и на злоупотреби на спортот, но сепак неговата важност за здравиот развиток и воспитание на младите генерации се неопсорни и потребни на секое општество, посебно македонското, кое е истоштено од транзиции, поделено по етнички, верски и политички линии.
Навивањето како феномен е најтесно поврзан со спортот, а често се злоупотребува и од политиката и разни општествено-политички движења и партии. Сепак, петте дена поминати како македонски навивач во Ниш, по кој знае кој пат потврдија дека навивањето за својата репрезентација е благородна работа и воедно претставување на својата земја и култура во земјата каде што се гостува. Таков беше и позитивниот пример со бројните шкотски навивачи кои го преплавија Скопје пред некоја година, а оставија најпозитивни и светли впечатоци меѓу Македонците. Така беше и овој пат со нас Македонците во Ниш. На сите страни беа закачени македонските знамиња, шалови и обележја, во рестораните се пушташе и пееше македонска музика, се организираа македонски вечери и забави, најпријателски се дружевме и честевме со малубројните чешки и шведски навивачи, разменувајќи шалови и дресови. Одлично се забавувавме со српските домаќини, подарувајќи им огромен број на македонски дресови, шалови, капи, знамиња, шлемови од фалангата. Одејќи пеш од фан-зоната до салата „Чаир“ имав незаборавни мигови на отпоздравување со други македонски навивачи и поздравување од обични граѓани на Ниш, меѓу кои и средношколци пред гимназијата кои кога ме здогледаа ја запеаа „Македонија навива“ од Тоше Проески.
За навивањето на натправарите на нашите ракометари само пофални зборови може да се кажат. Целата сала беше обоена црвено-жолта, исполнета со македонски знамиња. Владееше чувство на највисоко македонско единство, за што сведочи и мојата кратка средба и поздравување со градоначалникот на Куманово пред кафулето Y, кој носеше шал Македонија со 16-зрачното сонце од Кутлеш и ме отпоздрави со зборовите „Одиме на победа“ :D. Пеењето на македонската химна од 4000 грла, беше чувство кое го наежува човека. Секој гол на нашите ракометари беше проследен со еуфоричен делириум и национална екстаза и пеење македонски песни. Во салата беа присутни поранешни ракометари Манасков, Кастратовиќ, јавни личности како Бубо Каров - Цацко, градоначалниците на Велес, Куманово, Центар, Ѓорче Петров, Аеродром, мали дечиња со своите родители, цели семејства, работни колективи од разни фирми сите со искрена желба за победа и љубов кон Македонија. Пред салата забележав дури и еден познаник Албанец кој работи како фризер кај мене во наелба. Се пееше, славеше и бодреше Македонија. Името на Македонија ечеше и се славеше на сите страни и покрај сите забрани и негирања од разни меѓународни организации, претставници, бирократи и сојузи. Одличните игри на нашите ракометари, не воздигнаа до небеса, на позитивните чувства им немаше крај, дури и во моментите на несреќните порази со еден гол во последните секунди. Се случи буквално македонско навивачко-ракометно „освојување“.
Навивањето во Македонија (а и на поранешните ју-простори) покрај некои негативни страни низ годините, сепак има и клучно и пресудно значење и во македонското национално будење во предвечерието на независноста на Македонија. Не е случајно што во 1987 година, навивачката група на Вардар (во тоа време единствен македонски клуб во ју-лигата, своевидна репрезентација на Македонија за која навивале сите Македонци од сите краишта) го зела името Комити. Македонските навивачи на крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите беа дел од критичната маса и најистурениот дел од цивилното општество кој се залагал за независност и самостојност на Македонија. Песната „Излези момче“ потекнува токму од тој период на раните '90, само што сега се популаризира по успесите на кошаркарите кои самите ја пееа, а од ова ракометни првенство ја научија и неколку Швеѓани, Чеси и голем број на Срби од Ниш. Имајќи предвид каква е структурата на навивачите секогаш е потребна заемна соработка и политики со владата пред се во бодрењето на националните тимови, за да нема застранувања кон расизам, национал-шовинизам и слични негативни појави. Токму затоа за големо поздравување е проектот „Македонија навива“ од 2007 година, чии навивачки песни до денес се пеат на цел глас од млад и стари.
За крај, останува да се каже дека победите на Македонија ја греат душата на секој Македонец и македонски граѓанин. Не воздигнуваат и не прават горди и вредни пред целиот свет. Затоа поздрав и поддршка до сите наши спортисти, само напред, играјте за победи, играјте за нас! Сите ние заедно сме Македонија! Напред Македонија!