Wednesday, February 8, 2012

(Гео)Политичкото значење и заднина на најновите меѓуверско-етнички судири во Македонија

Кон крајот на јануари годинава, Македонија повторно по кој знае кој пат беше втурната, а јавноста сведок на нови немили сцени и инциденти на верска и етничка основа. Имено, како главна причина за овие настани беше наведена маска на Вевчанскиот карневал, а како споредна но сепак поврзана навредливите навивачки песни кои ги пееа дел од македонските навивачи на европското првенство во ракомет во Ниш и Белград.

Дека ова воопшто не беа спонтани собири и манифестации, туку слободно може да се каже добро испланиран и организирани укажуваат повеќе факти. Точно 10 односно 9 дена по завршувањето на карневалот во Вевчани и 6 дена по мечот Македонија:Шведска на кој се пееше навредливата песна, за што веднаш реагираше екстремната националистичка албанска организација „Разбуди се“, во Струга 47-годишниот Мунир Исмаили од с.Шум го запалил македонското знаме кое претходно го купил од книжарница. Веднаш потоа тој бил уапсен при што утредента околу 1000 граѓани мирно протестирале за негово ослободување пред судот во Струга. Три дена потоа на 27.01.2012, на протест организиран од струшкото муфтиство е симнато и заменето македонското знаме со исламско (саудиско) пред општинската зграда. На овој протест на кој ќе присуствува струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, струшкиот муфтија Фатон Полиси, ќе истакне дека причина за протестот е навреда на муслиманите на карневалот во Вевчани, а човекот што го запали македонското знаме пред насобраната маса ќе го нарече „патриот“. Набрзо потоа, во вечерните часови на наредните неколку денови се редеа инциденти од типот: испишување навредливи графити на и кршење на крст во црквата во с.Бороец, демолирање на приватна амубланта во с.Лабуништа (во сопственост на лице од Вевчани), запалување на помошна просторија на црквата во с.Лабуништа, обид за палење на црквата во с.Мала Речица (Тетовско), испишување навредливи графити на Исак џамијата во Битола, црквата во скопската населба Ченто и приватни дуќани во Маџари.

Оставајќи ја суштината на овие многу опасни и стравични случувања за дебата во некој друг текст, би се осврнал на (гео)политичкото значење на овие инциденти, со што би можело да ја нагодуваме и нивната заднина. Отфрлајќи ги сите шарлатански теории на заговор, слободно може да се заклучи дека (регионално) најголема корист од вакви инциденти и дестабилизација на Македонија и регионот има Грција. За ова пишуваше и еминентниот геополитички интститут Стратфор. Имено, воочи самитот на НАТО во Чикаго (21. и 22.05.) , а по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 05.12.2011, Грција нема друг избор освен својата главна цел спречување и оневозможување на членството на Македонија во НАТО, да го оствари преку аргументирање на други факти, наместо спорот за името, за што веќе беше „осудена“ од судот во Хаг. Токму затоа, евентуална дестабилизација и граѓански вооружени судири во Македонија, кои ќе покажат дека Македонија е неспремна за членство во НАТО, со кршлива внатрешна безбедност и меѓуетничко-верски односи, доаѓаат како порачани и идеални за Македонија да не добие покана за членство, што е главна цел на Грција. Ваквите случувања се одлични за Грција да може да поентира и да ја претстави Македонија како извор на нестабилност во регионот (што впрочем е нејзин аргумент во спорот за името уште од Меморандумот од 25.01.1993) и како таква во никој случај не би можела да биде членка на НАТО и „извозник на мир“.

Со овие настани некои кругови може да ја поврзат и посетата на нашиот вицепремиер Теута Арифи и министерот за одбрана Фатмир Бесими на Грција, непосредно пред и за време на случувањата на овие немили инциденти, како и спремноста на Грција за средби само со министри и македонски официјални лица со албанско етничко потекло. Јас лично ќе ја отфрлам ваквата можност сметајќи дека и покрај жестоките иредентистички и националистички ставови (порано) во јавноста на Теута Арифи, сепак таа мисли на доброто, животите, слободата и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија и како интелектуалец и мајка не би учествувала во вакви црни сценарија. Но во секој случај останувам цврсто на ставот дека геополитички и стратешки, дури и да нема никаква вмешаност, највеќе и одговараат на Грција.

За крај би споменал уште еден фактор зошто дестабилизацијата на Македонија и регионот и оди во прилог на Грција, која прва реагираше на официјално ниво за навреда од маска на карневалот во Вевчани. Како што и самите аналитичари на Стратфор оценуваат, во услови на крајно тешка и неизвесна финансиско-економска криза, во која целосно е паднат не само финансискиот, туку и политичкиот и меѓународниот легитимитет и углед на Грција, единствена шанса за спас е регионална криза, во која Грција поради својата големина и географска положба ќе ја има главната „спасоносна и стабилизирачка“ улога. Тоа од една страна ќе повлече пари и средства за нејзиното ангажирање, што пак ќе може донекаде да ги покрие огромните долгови, а од друга страна угледот и легитимитетот на Грција ќе бидат вратени и обелени пред европската и светската јавност со што Грција ќе би ги добила сите почести и неограничената поддршка од меѓународната заедница за сите нејзини дејствувања и страштешки цели и определби.

Дека големите и длабоки економско-финансиски кризи од секогаш биле причини за дестабилизација, пораст на екстремизмот и страотни војни, доказ се подемот на фашизмот и нацизмот и Првата и Втората светска војна. Токму затоа, од аспект на политичкиот и безбедносниот дискурс никогаш не треба да се испушти од вид економијата и економските проблеми, затоа што токму тие се најболните и најосетливите за човечката кожа на секој граѓанин.