Tuesday, December 27, 2011

Борба за наука

Сакам да споделам транскрипт од дебата на тема: Состојбата на истражувањата во општествените науки во Република Македонија, одржана на 14.04.2011 во организација на Форум - центарот за стратегиски истражувања и документација и Аналитика тинк тенк.

Тоа што ме заинтригира толку многу не е содржината на говорите сами по себе, туку личностите кои ги кажуваат и од каква позиција. Со сета почит кон оние што биле дел од мојот формален едукативен процес, сметам дека дебатава е полна со изговори особено од страна на говорниците кои доаѓаат од универзитетите. Се плаче наголемо за бирократијата и старото добро „немање на капацитети“ од финансиски и материјален аспект.

Неуспехот на катедрите на Правен факултет барем, е во немањето волја од страна на професорите и асистентите да ги вклучат студентите во истражувачките проекти. Не знаат ни дури да ги искористат за такво нешто, а спречени се главно од академската суета и мотивација за монополизација на академските и истражувачките позиции во заедницата. За предавање и создавање на знаење најпрво треба да се срушат конвенционалните граници за времетраење на час, авторитарниот однос на професор кон студент, ѕидовите на личната скржавост и на ушните каналчиња кои одбиваат да слушнат студентски аргумент освен кога е на линија на лично кажаното - професорски одобрено дебатирање.

Среќна сум дека во дискусијата се потенцирани неколку точки за кои сметам дека колку побрзо ги промислиме и усвоиме толку полесно ќе си го трасираме истражувачкиот пат во овој наш локален контекст.

За почеток, размислувањата околу (не)валидноста на општествените теории и знаења базирани врз емпиријата на Западна Европа и Сад за нашата политичко- општествена реалност.

За ова Неда Коруновска од тинк-тенк Реактор ќе каже: „Клучен факт е дека навистина најмалку истражувања, најмалку податоци постојат таму каде што се најпотребни - во земјите во развој, во земјите во транзиција, во земјите кои се соочуваат со најголеми проблеми. Од друга страна концептите, конструктите и теориите кои се базирани и докажани во западниот свет не даваат резултати, односно не се применливи во нашиот контекст и на нашето подрачје и мислам дека тоа е клучниот проблем со кој ние се соочуваме, недостаток од податоци, недостаток од домашна научна литература, кој ќе ни биде појдовна основа за одговор на одредени прашања кои што ние ги поставуваме.“

Понатаму, проблемот не е толку во квантитетот и квалитетот на самото знаење што се создава, ниту пак недостигот на пари и бирократијата, колку што е недостигот на научно љубопитство.
Целата академска заедница паѓа на овој тест. Не успева кај младиот човек да стимулира научно љубопитство. Иако на оваа тема, еден професор жестоко ми се спротистави со тезата дека факултетските професори не се должни никого да заинтересираат, тие очекуваат во предавалните да работат со изградени личности кои знаат што бараат во високо образовна институција, овде се работи за системски неуспех, а не само на поединци - професори.
Се работи за духот на општеството во кое растеме и се развиваме, а во кое наголемо виорат анти-интелектуални тенденции, брза храна - брзо знаење.

Едноставно за научниците и уметниците нема изговори изречени во недостиг на пари.
Поривот и инстинктот за сознание се издигаат над „немањето“ и препреките.

Дека тоа не е идеализам, умно укажува професор Емилија Симоска од Институтот за социолошки и политичко -правни истражувања: „Она што ми е исто така жал е впечатокот на помладите колеги за отсуството на обуки, дека нема каде да стекнат обука за научно истражувачка дејност. Обука за научно истражувачка работа не постои. Ајнштајн немал обука од областа на истражувањата, тој создавал наука. Хегел и Кант и сите социолози и филозофи од кои што сме се едуцирале немале обука за наука, немале ни Интернет, го користеле она што им било достапно, па создале системи без кои ние денес не можеме да ги правиме нашите истражувања. Не е проблемот во тоа. Не е проблемот ни во процентот на истражувачка пракса кој што го има на факултетите или не. Проблемот е дали се стимулира тоа интелектуално љубопитство, кое ако се стимулира непобитно ќе го одведе субјектот во наука и без да оди на курс и без да некој му објаснува дали тоа методолошки се прави вака или онака. Самата методологија е занает, но без интелектуалното љубопитство, (се слагам дека во нашето општество системот не е особено стимулативен), ние не можеме да имаме никакви резултати.“

Исто така за нас многу важна тема е односот на политиката кон политичките истражувања и обратно. Ние како млади истражувачи треба навистина да ги испитаме можностите и опасностите од овој однос. Зборуваме за пропусливи мембрани меѓу општествената наука, идеологија и политичка пракса. Имаме амалгам на научна идеологија кој надвиснува над нашите академии и тинк тенкови, најмногу под притисокот на донаторите.

Ова прашање го покренува Дане Талевски: „Политиката од една страна е корисник и
нарачател на научните истражувања, а од друга страна е предмет на истите тие истражувања.
Секогаш мора да имаме предвид дека истражувањата можат само да помогнат во процесот на креирање на политики, но реално тие не се единствениот фактор во процесот на донесување на
одлуки. Истражувањата покажуваат што е можно да се направи, но политиката одлучува што ќе се направи.“

Ве поканувам да ја прочитате транскрипцијата па да отвориме една наша интерно -јавна дебата околу состојбите во истражувањата во општествените науки од позиција на млади истражувачи и студенти.

Повелете:
Транскрип од конференцијата на тема: Состојбата на истражувањата во општествените науки во Р. Македонија



Wednesday, December 14, 2011

Личност на годината според Тајм Магазин


Светски познатиот магазин Тајм, секоја година избира личност на годината, личност за која се смета дека имала најголемо влијание врз светските настани во текот на годината. За личност на 2011 година е избран протестирачот, кој ги претставува сите оние што ги кренаа своите гласови против авторитарните режими, против оние 1% кои ја диктираат светската економија, против сите оние кои си дозволија да ги ограничуваат и повредуваат човековите права. Од Тунис, преку Египет и Либија се до Сирија, обичниот човек одлучи да каже НЕ! на сите оние маскирани во државниот авторитет кои му ги узурпираа основните човекови права. Следеа пролетните протестите во Шпанија и Грција, поттикнати од економската ситуација на земјите. Во Њу Јорк на Вол Стрит се собраа оние кои се против економската политика која е во полза само на оние најмоќните, против оние 1%, кои очигледно заборавиле дека 99>1. Последни се протестите во Москва, каде 50.000 руси излегоа да се побунат против изборните резултати.

Никако не смееме да ги заборавиме протестите во неколку македонски градови против обидот да се прикрие убиството и убиецот на младиот Мартин Нешкоски од страна на министерството за внатрешни работи. #Протестирам покажа дека гласот на обичниот народ е најгласен и дека вистината не може да се сокрие доколку има некој кој ја бара.

Голем дел од овие настани можеби и немаше да се случат, или во најмала рака сето тоа ќе се одвиваше поспоро доколку не беа социјалните медиуми, но сепак, народот е тој што треба да ги добие најголемите заслуги.

Дами и господа, личноста на годината:


Sunday, December 4, 2011

За повикувањето на поврзаноста со античките Македонци кај современиот македонски народ

Свеста за поврзаноста, блискоста и повикувањето на античките Македонци и античка Македонија кај современиот македонски народ и држава Македонија воопшто не е нова појава, како што се обидуваат да докажат одредени кругови. Напротив, не само што оваа појава е позната уште во XIX век, свеста за поврзаноста со античка Македонија во постојано и во континуитет го следи македонското национално живеење.

Пред да ги разгледаме причините за ова повикување и свест за потекло од античките Македонци кај современиот македонски народ, треба да се спомене еден многу очигледен факт околу нашата поврзаност со античка Македонија. Без оглед на сите врски (и нивното проучување): генетски, археолошки, јазични (лингвистички), културолошко-фолкористички, историски, географски, колку и да се обидуваат одредени кругови да ја одрекуваат и жестоко негираат поврзаноста на античките и современите Македонци и Македонија, сепак таа поврзаност постои. Дури и оние кои ја негираат поврзаноста да се во право со нивните аргументи, па ние да немаме ништо заедничко со античките Македонци и Македонија, самиот факт што ние ги носиме имињата Македонија и Македонци, кои пак потекнуваат од античко време т.е. античка Македон(ија), укажуваат дека сепак сме поврзани и постои врска, ако ништо друго барем врз основа на истото име (и земја) кое го носиме.

Од историјата ни е познато дека значаен дел на македонските национални дејци, револуционери, учебникари се сметале себеси и Македонците за директни потомци на царевите Филип и Александар и античките Македонци. Тука се вбројуваат Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Димитар Македонски, Никола Карев, Јане Сандански... Познати се прогласите на Македонското (Кресненско) востание од 1878 и Привремената влада на Македонија од 1880 во кои се зборува за „војска на Александар Македонски“ и се „бара реставрација на античка Македонија“. За оваа појава на свест за поврзаност со античките Македонци сведочат и странски патеписци, дипломати и дејци, а посебно и бугарски национални дејци како Петко Рачов Славејков. Сакајќи да ја искажат својата македонска национална посебност и самобитност и поврзаност со националното име Македонци (посебно во однос на културно-јазично блиските Срби и Бугари) од една страна и истовремено сакајќи да се подигне моралот кај македонските маси повикувајќи се на славната историја на Македонија од антиката од друга страна, во екот на македонското национално будење и преродба во XIX век се појавува оваа свест и повикување на потекло од античките Македонци на современиот македонски народ.

Силното идентификување со името Македонија (кое потекнува од антиката) во текот на целата национална преродба и национално-ослободителна војна почнувајќи од Разловечкото востание од 1876 чие знаме го носеше натписот МАКЕДОНИЈА и разјарениот лав, па се до НОВ и АСНОМ, укажува на тоа дека не само што нашите предци природно се идентификувале со ова име, туку и тие јасно врз основа и под името Македонци и Македонија (ВМРО, ТМОРО, АСНОМ, ПОМ, КПМ) започнале организирано национално-ослободително движење и организации со цел за создавање на своја држава и целосна национална афирмација како Македонци и Македонија. Овие факти јасно говорат и даваат одговор за тоа кој народ на Балканот единствен и од секогаш се идентификувал и (прв) го користел името Македонија за својата земја, самиот себеси и своите организации, движења и во секојдневниот живот, а посебно во контекст на негирањето на правото на нашата држава да го носи името Македонија и притисоците за негова промена.

По создавањето на македонската држава со АСНОМ по Втората светска војна и за времето под Југославија, свеста за поврзаност со античка Македонија и античките Македонци иако во многу мал и незабележлив обем, сепак постоела. Иако државната политика и доктрина на СФРЈ било словенството, сепак во историските книги во Македонија стоеле делови за античка Македонија и нејзините кралеви Аминта, Пердика, Филип, Александар. Најочигледен пример се 3 тома „Историја на македонскиот народ“ издадени во 1969 година, во чија прва книга на 15-20 страници стои дел за античка Македонија и походот на Александар Македонски. Истовремено во книгите кои ја проучувале македонската национална свест од политиколошки, социолошки и историски карактер на автори како Драган Ташковски, Славко Милосавлевски редовно се споменува повикувањето и свеста за поврзаноста со „старите Македонци“ кај дејците (Пулевски) од периодот на преродбата.

Со стекнувањето на независноста на Македонија во 1991 година, оваа појава на свест за потекло и поврзаност со античките Македонци и Македонија повторно се појавува со многу поголеми размери, ентузијазам и поддршка не само од граѓаните и граѓанското општество туку и од официјалните државни институции и установи. Уште во 1991/1992 за државно знаме на Македонија во Собранието се усвојува 16 зрачното сонце од Кутлеш, симбол на античка Македонија и кралската династија Аргеади на која припаѓале Филип II и Александар III Македонски. Токму под ова знаме на служба биле и личности кои денес жестоко се спротиставуваат на повикувањето за поврзаност (и потекло) од античките Македонци, како што се Љубомир Фрчкоски или Стојан Андов. Одредени институции и министерства (за надворешни работи и култура) за свои симболи и грбови избрале мотиви од античка Македонија. Започнало именување на улици и булевари по Александар Македонски (главниот булевар на влезот во Скопје кај Автокоманда го носи тоа име од деведесетите). Истовремено во официјалната историска наука и во рамките на образовниот систем на независна Македонија се прифаќа и се вклучува поголемо изучување на античкиот период од историјата на Македонија. За граѓанското општество вреди да се спомене дека култот кон Александар Македонски и античка Македонија доживува невидени размери низ целата држава (пр. телевизија во Гостивар, радио и такси-компанија во Кичево го носат името Александар Македонски), се печатат книги, весници и списанија на оваа тема, се основа дури и здружение „Антички Македонци“ во Богданци, се чествуваат денот на раѓањето и смртта на Александар Македонски, приватни претпријатија и установи ги носат имињата на Филип и Александар. Во новиот милениум и 21 век оваа појава продолжува и со тоа што во летото 2006 година во Прилеп и Штип се откриени првите споменици на Александар Македонски, подароци-приватни донации на бизнисмени. Кулминацијата на оваа појава на свест за потекло и поврзаност со античка Македонија се случува во периодот 2007-2008 поради повтороното актуелизирање на прашањето за името и ветото од страна на Грција на самиотот на НАТО во Букурешт на 2.4.2008.

Повторното и овој пат посилно појавување на овој феномен на македонското национално постоење во периодот на независна Македонија делумно е на истите причини како и за времето на македонската национална преродба во XIX век - зацврснување на македонската национална самобитност и свест и зајакнување на националниот морал и дух повикувајќи се на најславното минато на Македонија од антиката. Но, во овој период оваа појава за повикување на поврзаност со античка Македонија, а посебно во најновиот период од 2008 година, се покренува и од една друга причина - негирањето на правото на името Македонија и неговото присвојување од страна на Грција во т.н. „спор за името“.

Познавајќи го фактот дека името Македонија потекнува и се појавува токму со античките Македонци и Македонија, на современите Македонци, во ситуација кога Грција бара промена на името на Македонија поради тоа што „античка Македонија била грчка и врз основа на тоа името Македонија било грчко и им припаѓало само ним“, не им преостанува ништо друго освен да ги покажат, докажат или побараат своите врски и поврзаности со изворот и појавата на името Македонија - античкиот период. Во ситуација кога се негира националното име (и идентитет) Македонија од позиции дека неговиот извор и прва појава во историјата се „своина“ (припаѓаат) на Грција и од таму само таа има право на него, го предизвикува и засилува овој феномен на свеста за потекло, поврзаност на современиот македонски народ со античките Македонци и Македонија. Тоа е сосема оправдано, затоа што кога едната страна која патем не го носи и нема никаква врска со името Македонија, а се повикува на него како свое (дел до своето културно-историско наследство) врз основа на поврзаност со периодот на неговата појава и „извор“ и притоа забранувајќи го правото на другата страна да го носи тоа име, сосема е очекувано другата страна (Македонија и Македонците) исто така да се повикаат на периодот на појавата и потеклото на своето име во контекст на своја и своевидна одбрана на правото да го носи сопственото име. Токму затоа при тв-дуелот на Студио 2 на А1 тв од 19.6.2009, Паско Кузман свесно или несвесно на својот соговорник Љубчо Георгиевски на прашањето зошто толку се инсистира на врските со античка Македонија, одговори дека тоа е неопходно за да се докаже нашето право на името Македонија.

Одредени (интелектуални) кругови и дел од граѓаните незадоволни од политизацијата на овој феномен од политичките партии (па и државните институции) сосема го отфрлаат и дури жестоко се противат, често изнесувајќи лажни факти (дека тој настанал сега, се отфрлала и негирала нашата поврзаност со словенството). Одбивноста поради политизацијата кај граѓаните е сосема оправдана и легитимна, но жестокото противење на интелектуални кругови кои за жал не ја проучиле и сфатиле суштината на овој феномен е крајно неиздржано. Повикувањето на античка Македонија ниту во историјата ниту сега не го одрекува нашето словенско културно-јазично-историско наследство , впрочем и самиот Пулевски пишувал „наш цар Филип славјанин је, наш цар Александар славјанин је, наши славјански баби ги родиле“, а официјалната наша наука и образованието сеуште не учат за светите Кирил и Методиј, Климент и Наум.

Суштината на овој феномен како во минатото така и денес веќе ја кажавме: потребата од искажување и зајакнување на македонската национална свест, посебност и самобитност, подигнување и воздигнување на националниот дух и чувство преку повикување на славното минато на Македонија и во најново време потребата да се докаже и покаже директна поврзаност со потекнувањето, појавата и „изворот“ на името Македонија и правото нашата држава да го носи тоа име не наштетувајќи никому. Од аспект на политичката дебата во современото демократско општество на Македонија во 21 век, останува како високо свесни, морални и слободљубиви граѓани, со факти и аргументи да зборуваме за користа или штетата што ќе ја има македонскиот народ и држава од повикувањето на овој феномен. Тој е одамна присутен во националното битисување на Македонците како народ, во различни услови и различни размери и тоа непобитен факт кој не може да се одрече и негира. Дебата околу неговата корисност и штетност во современите услови, текови и живеење е нешто сосема друго и исходот од неа треба да е плод на здраворазумно размислување, факти и аргументи, а не ефтини пропагандни и дневнополитички фрази.

Friday, November 25, 2011

Seattle


Среде целата галама која Occupy Wall Street протестите ја кренаа, анализирани и преанализирани од социолози, политиколози, држмемајколози и Драган Павловиќ Латас, би сакал да го искористам блогов да ве потсетам вас, ценети кликери и по некој залутан читател дека наближува еден често забораван и занемаруван јубилеј. Јубилејот за кој зборувам е 30 ноември, датумот на кој навршуваат 12 години од протестите во Сиетл, каде за првпат беше одржан координиран, јасно артикулиран и масовен чин на отпор против перфидното поткопување на демократијата и граѓанскиот суверенитет од страна на меѓународните финансиски институции и мултинационалните корпорации, кои под закрила на слоганот "слободна трговија" воспоставија контрола врз глобалните текови на consumer goods, на сировини, капитал и на труд, секогаш на сметка на земјите во развој и неразвиените држави.

Ние бевме малечки, па не се сеќаваме на периодот за кој Ванчо Узунов зборуваше со занес- пробивот, да не речам пенетрацијата на Светската трговска организација, ММФ и Светската Банка во повеќето земји во светот, шиткајќи една иста формула- дерегулација, даночни олеснувања, реформи на пазарот на труд, занемарување на животната средина, накратко- отстранување на сите "трговски бариери" кои и' пречат на слободната трговска размена, која секогаш, без исклучок, носи богатство, слобода и прогрес. Како идеолошка заднина на овој пробив служеа неолибералните догми кои не смееа да се преиспитуваат додека траеше бум-фазата на економскиот циклус: држава-лоша/пазар-добар, бирократија-неефикасна/бизнис-оптимизирачки, итн. Ги учевме по економските предмети на факултет, а потоа гледавме како кризата ги превртува сите на глава.

Она што мене ми падна во очи беше следното: Протестите во Сиетл и денешните протести, покрај делумното тематско поклопување, делат уште една заедничка црта, а тоа е дека демократската и либерална американска држава почна да ги репресира во истиот момент кога тие јасно го артикулираа својот политички став и правци на делување. Медиумите почнаа со кампања на оцрнување и обезвреднување на целите на луѓето кои протестираа, ги нарекуваа "хипици, анархисти, хипстери, лудаци, пензионери", иако во првите мигови, додека беа доволно небитни беа "млади луѓе кои во мал број излегоа на мирен начин да го покажат своето незадоволство од начинот на кој Вол Стрит ја деформира американската економија". Кој ги украде тие млади луѓе и ги замени со лудаци?

Протестот во Сиетл во 1999, како Occupy Wall Street, беше точка на прекршување, иако се случуваше во период на бум на глобалната економија. Откако насилно беше растурен под изговор дека анархисти (за кои многу луѓе тврдат дека биле полициски провокатори) почнале да кршат излози, откако беше прогласена вонредна состојба (!), медиумите успеаа целосно да го искриват coverage-ot и да направат нешто што во суштина беше мирен протест да изгледа како крваво пирување на разулавени толпи.  Како директна последица на Сиетл беше основан сајтот indymedia.org, кој, поучен од примерот на тогашните протести, почна да нуди алтернативни толкувања на таквите настани ширум светот, честопати излегувајќи со некоја вест пред мејнстрим медиумите да дојдат до неа и на тој начин претркувајќи ја пропагандата со вести на лице место. Како директна последица на Сиетл изникнаа мал милион микро-медиуми кои нудеа и нудат поинаков поглед врз светските настани, вонинституционален, демократски и автентично граѓански.

Лично не верувам дека протестите сами по себе може да доведат до промена во политичкиот или економскиот систем, но верувам дека секој битен, суштински и добро спроведен протест со квалитетен тајминг како овој остава зад себе механизми кои претходно не биле таму, со помош на кои им се отежнува животот на оние кои би сакале да прикриваат или погрешно да прикажуваат информации пред јавноста и удобно да живеат во мочуриштето на општата политичка апатија.

Приложувам овде линкови за оние од вас кои ги интересира нешто повеќе за она што се случувало тогаш. Сами заклучете колку (и дали) има сличности со она што се случува денес:

http://mondediplo.com/2000/01/08sinai

http://www.spark-online.com/february00/esociety/duford.html

http://www.indymedia.org/en/index.shtml

http://mondediplo.com/1999/11/02george

Патем, чест ми е што ве познавам, луѓе. Ја да си кажам.

Документарец за Кина


Во контекст на интересот за Кина кои верувам дека секој општествен научник го поседува како што текстот на Олимпија добро објаснува но и заради мн. други причини (културолошки, историски, филозофски, демографски), по препорака на Марија, ви го нудам линкот од документарниот филм во четири дела: "Кина одвнатре"
Кликнете: [China from the inside]
Еве го и предговорот за документарецот на англиски:

Thursday, November 24, 2011

Збор-два за Кина


Не е веќе прашање дали но како Кина ќе ја практицира својата моќ во иднина како држава која заради својот економски раст станува се подоминантна светска сила. Мерењето на силата на државите во меѓународниот систем се занимава со економските и воените параметри. Она што ги интересира луѓето кои не го гледаат светот само низ призмата на ваква моќ, се вредностите и принципите за кои ќе се залага Кина. Ваквото прашање најмногу ги интересира политиколозите затоа што политичкиот систем е оној кој во најголема мера е рамката за објаснување на однесувањето на една држава. Уставно, Кина е Република со една доминантна партија. Практицирање на степен на демократија е карактеристичен само внатре Комунистичката Партија на Кина која е децентрализирана низ целата територија на земјата. Предвидувањата се дека Кина во наредните десетина години ќе се фокусира на внатрешен развој на земјата и поголемо производство за домашна употреба отколку  извоз. Ова е сосема паметна одлука за држава која ја познава својата моќ и знае дека за да може да ја практикува во иднина, мора да создаде внатрешен капитал, развиен институционален систем кој не мора да значи и демократски каков што навидум го познаваме на Западот. Квалитетот и структурата на една демократија можат да имаат различни карактеристики. Кинеските аналитичари предвидуваат дека за дваесетина години Кина ќе биде подемократски режим што исто така е нормален тек на настаните доколку се повеќе се вложува во образование, наука и култура. Исто така, Комунистичката партија најверојатно ќе биде поле на внатрешни фракции кои постепено би можеле да го претворат партискиот систем во мултипартиски (повеќе партии). За ова да се случи, потребно е да се развива опозиција и која ќе застапува нерепрезентирани легитимни интереси. Сепак, очигледна е внимателноста со која Кина и пристапува на демократијата затоа што во моментот се покажува како прилично неефикасен систем кој е далеку од целта која сака да ја постигне: поголемо учество на граѓаните во донесувањето на одлуки и креирањето на политки за доброто на општеството. Очигледни се и дилемите на светските сили како САД, Германија кои внимателно ја следат Кина на економско и политичко ниво и обидите да се влијае на односите со Кина уште сега додека сеуште таа го нема достигнато својот полн потенцијал.
Како малите држави, номоќни и со речиси никаков глас на меѓународната сцена треба да се постават во време на вакви меѓународно- политчки услови? Малечките држави можат да учат од светските сили но уште повеќе од државите во развој. Нешто слично на она што Кина во моментот го практикува: соочување со домашните проблеми на соодветен и автентичен начин а не беспоговорно прифаќање на секоја меѓународна идеја и стандард кои може сосема да го извитоперат изгледот на дадено општество. Кина до некаде ја следи својата Конфучијанска вредносна идеологија на “златна средина” која го прави нејзиниот мирен подем избалансиран, а сепак перцепиран како закана од многу земји. (во моментов не изразувам став по негативните страни на Кинескиот пристап кон својата внатрешна и надворешна политика). Мала држава како Македонија не може да биде перцепирана како закана, а доколку се појават такви перцепиции, се работи за тотален апсурд. На Македонија и останува да учи малку повеќе од принципот на златната средина која би значела соочување со својот потенцијал и внимателно инвестирање онаму каде што постои. Без многу дилеми, областите во кои Македонија може тоа да го прави се туризмот, земјоделието, образованието, нормите, уметноста, архитектурата и иновативноста во овие области.

Основи на економската криза

Маркс, еден од најголемите социолози на сите времиња во општествените науки ја воведува парадигмата за идејната / општествена надградба која се темели врз материјалната т.е. економската база. Во услови кога економската база е несигурно, неизвесно тло, ветер и магла - фетишизираните политички концепти на нашето време доживуваат слободен пад.
Ова е повторно и одново навраќање на основите / причините за големата економска криза.
Тешко е да замислиме умна современа политичка мисла без темелно проникнување во природата на економските односи.



The crisis of credit

Французите ќе владеат со светот, но не утре, утре ќе има штрајк

Општо познат стереотип за Французите е дека не се големи љубители на работата односно дека “или се на одмор, или штрајкуваат”. На многумина првата асоцијација на зборот “штрајк” им е Франција, иако таа не е ни меѓу првите десет земји во светот по просечниот број на штрајкови годишно. Но што стои всушност позади овој нивен негативен став кон работата? Во статија неодамна објавена од страна на магазинот The Economist се дава објаснување на оваа појава.

Всушност студиите покажуваат дека проблемот со француските службеници не е во тоа дека тие се мрзеливи, туку дека се лошо раководени. Според изветајот за национална компетитивност на Светскиот Економски Фроум, Французите се многу подобро рангирани во однос на работната етика од американските, британските или холандските службеници. Тие наоѓаат голема сатисфакција во работата, но се многу незадоволни од начинот на кој фирмите во кои работат се раководени.

Ова го потенцира значењето на менаџирањето на компаниите, а особено на човековите ресурси во нив, за квалитетот на самата работа. Она што е невообичаено за другите развиени земји, а е пракса во Франција, е тоа што менаџерите на големите компании обично потекнуваат од неколку престижни школи или од врвовите на цивилните сервиси, а не од самите компании. Овие луѓе се буквано “слетани” на менаџерските позиции и тоа веднаш создава голема дистанца помеѓу нив и останатите вработени. Се чини дека француските компании преферираат да ги вработуваат образовните и владините елити на овие високи позиции, отколку да им дадат шанса за напредок на веќе вработените лица. Оваа неможност за напредок на работното место, сосема природно, создава фрустрации и ја намалува мотивираноста на вработените.

Ваквата пракса го отвара прашањето дали сепак повторно има доминација на буржоазијата (условно кажано), знаејќи дека високите и престижни школи во Франција се достапни за оние со длабок џеб, а можноста за стипендирање на талентирани ученици е многу мала. Доколку високите менаџерски позиции се доделувани само или пак примарно на елитите произлезени од тие неколку школи, можноста за просечниот човек да оди нагоре по социјалната скала е многу мала. Па каде е тука l’égalité, како еднаквост на можностите?

Monday, November 21, 2011

Концептот "Smart-defence" и преобразбата на НАТО во новите гео-политички услови

Денеска на 21.11.2011, јас и мојата пријателка (и колешка) Марија Алексовска, во Домот на АРМ во Скопје, имавме можност да присуствуваме на јавната презентација и дебата околу новиот концепт на НАТО - "Smart Defense" организиран од страна на Евро-атлантскиот совет на Македонија. На оваа презентација учествуваа министерот за одбрана на Р.Македонија - Фатмир Бесими, претседателот на ЕАСМ и поранешен министер за одбрана Лазар Еленовски, амбасадорите на В.Британија (Кристофер Ивон), Холандија (Мариет Шурман) и Франција (Жан-Клод Шлумберже), а во публиката беа присутни голем број на офицери на АРМ, странски воени аташеа, новинари, аналитичари, професори и студенти.

Учесниците во целост го претставија концептот на "Smart Defense", амбасадорите и споделија и искуства од неговото остварување во нивните земји. Од излагањата, посебно оние на министерот, Лазар Еленовски и на британскиот амбасадор, можевме конкретно да дознаеме што предвидува овој нов концепт на НАТО. Имено, овој концепт за прв пат бил претставен од страна на генералниот секретар на НАТО Андреас Фог Расмусен на Минхенската конференција во февруари 2011, а главна причина за неговото покренување била светската економска криза со која сериозно се зафатени поголемиот дел од членките на НАТО. Токму затоа главната идеа на овој концепт е „поголема безбедност со лимитирани (помали) ресурси“ (do more with less resources) и затоа е насочен во 3 основни цели (наречени 3C):

1) Развој на поголеми оперативни способности во услови на економска криза (capacity)
2) Поголема поврзаност меѓу земјите-членки и партнери (connectivity)
3) Целосна и силна посветеност на придонесот кон евро-атлантската безбедност (commitment)

Од овие главни цели произлегува заложбата дека во услови на економски кризи земјите-членки и партнери ќе се здружуваат во (помали) групи во кои тие со заеднички сили и средства ќе градат и ќе вложуваат во изградба на одбранбени и воено-безбедносни капацитети. Во тој однос државите членки на НАТО веќе работат на заеднички вложувања во изградбата на капацитети па така беа наведени заедничкиот тренинг центар за А5 групата на НАТО во Криволак, тренинг центарот за медицинска помош кои се придонес на Македонија во регионалната безбедносно-одбранбена соработка, договорите за заеднички воени операции (во Либија) околу нуклеарното оружје и оперативни дејства меѓу В.Британија и Франција (потпишани на 2.11.2010), заедничката воздушна одбрана и поморски сили на Холандија и Белгија итн. При своето излагање францускиот амбасадор ја потенцира заложбата на Франција за задржување на автономноста во донесувањето одлуки и преферирањето пристапот на донесување одлуки и начин на соработка во мали групи (approach of smaller groups) наместо тоа да се прави од сите 28 членки, што ме поттикна да поставам прашање во делот за дискусија на оваа јавна трибина.

Пред да започне презентацијата во разговор со Марија Алексовска и споменав за една гео-политичка анализа на Stratfor институтот (http://www.stratfor.com/) за идејата за Интермариум - воен сојуз на државите од Балтичкото до Црното Море, предводен од Полска, кој бил претставен од полскиот државник (и маршал) Јозеф Пилсудски уште во 1918 на крајот на Првата светска војна, со цел да се спречи приближувањето меѓу Русија и Германија, што би било (и се покажало) погубно за помалите држави од Источна и Средна Европа. Во контекст на оваа анализа на Марија и споменав дека иако Полска и сите држави од овој регион се во НАТО, самата алијанса сигурно ќе се преобразува и трансформира. Излагањето на францускиот амбасадор уште повеќе ме поттикна да го поставам следното прашање на присутните:

Дали покрај економските побуди за обединување на земјите-членки и партнерите во помали групи во изградба на воено-одбранбени капацитети, концептот на "Smart Defense" означува и нов ера во политичките (стратешките) димензии и одлучувања на НАТО со оглед на неговата огромна географска распространетост се до Блискиот Исток и Кафказот? Односно, дали овој економски концепт на групирање ќе има влијание врз политичката поставеност, дејствување и структура на НАТО во иднина, од аспект на помали обединети групи за одбрана и безбедност на државите (мини системи за колективна безбедност) само под една заедничка команда (штаб)?

На моето прашање, опширно одговорија британскиот амбасадор Кристофер Ивон и Лазар Еленовски. Британскиот амбасадор Ивон, потенцираше дека е оправдан стравот од фрагментирање (поделби) со оглед на тоа дека земјите соработуваат со своите најблиски соседи (со кои имале и историски несогласувања) и реално немаат заеднички точки со географски одалечените земји-членки и сојузници, но сепак потребата и позадината на овој концепт е единствено економска и нема опасност од фрагментирање или поделби на НАТО, бидејќи главната цел единствено е поглемата (економска) ефикасност.

Околу изнесеново, се чувствувам должен да изнесам некои мои видувања и размисли, кои сметам дека вредат да бидат јавно издебатирани и продискутирани од сите заинтересирани.

Имајќи ги предвид новите збиднувања на меѓународната политичка и економска сцена, односно се позасиленото економско, воено и политичко јакнење на Кина, Русија, Индија, Бразил (земји од поранешниот комунистички блок и „третиот свет“) од една страна и се поголемото проширување кон исток на НАТО во последните 2 десетлетија од крајот на Студената Војна од друга страна, самите внатрешни и надворешни услови ќе го тераат НАТО за преобразба во своето политичко дејствување од аспект на разделување во помали групи на мини-системи за колективна безбедност со еден заеднички главен штаб. Нешто како налик на лабава федерација или конфедерација од аспект на политичките системи и државните уредувања. Ваквата налик „децентрализација“ е потребна од повеќе прични:

1) Заложбите за полноправно членство во НАТО на држави - соседи на Русија, како што се Грузија или Украина, се повеќе може да ги влошува и заострува односите меѓу Русија и НАТО, во чиј буџет учеството на Европа се намалило од 34% на 21% последниве 15 години. Токму затоа, понудата за „членство“ на овие држави во некој од блиските (регионални) мини-воени сојузи на НАТО е основа за добар „компромис“, а истовремено остварување на целта за проширување на НАТО. Со ваквото „привидно приклучување“ ќе се отвори пат за уште подалечни проширувања дури до земјите на централна Азија, односно на просторот непосредно до (и меѓу) границите на Русија и Кина, богат со нафта и природен гас. Токму затоа може да се рече дека Владимир Путин викендов отворено ја најави Евроазиската економска унија меѓу Русија, Белорусија и Казахстан.

2) Со ваквото групирање ќе се остави простор за поголем (политички) маневар и автономност во одлуките на државите-членки, посебно на помалите држави членки кои обединети во групи ќе се приближат со својата сила кон поголемите земји членки на НАТО. Современите пошироки дефиниции за безбедноста се повеќе ја вклучуваат и економската безбедност односно како загрозување на безбедноста дефинираат се она што го загрозува опстанокот и нормалниот живот на граѓаните, организациите во рамките на една држава, што не значи дека само воените закани се безбедносни закани. Од тој аспект поврзувањето на Германија и Русија преку гасоводот под Балтичкото Море заобиколувајќи ја Полска и Балтичките земји, остварено месецов, може да го вклучи алармот за Полска и нејзината (економска) безбедност кој многу пати низ историјата била загрозувана и уништувана токму од Русија и Германија. Групирањето со други држави за неа ќе значи можност за спротиставување на несакани текови. Истото е и со Балканот, каде што е се позачестен религиозниот судир меѓу исламот и христијанството. Иако Турција и Грција се членки на НАТО од самото основање, тие до ден денес имаат „непријателски“ односи. Големината и силината на Турција (2 армија по големина во НАТО) е поголема отколку на сите балкански држави - членки на НАТО.

3) Преобразбата на НАТО во помали групи ќе значи и полесно справување со безбедносни кризи од регионален карактер кои би биле спречувани од најблиските воено-одбранбени групи на држави, со што ефикасно би се спречувала можностa и опасноста од воени судири од светски рамки. Поефикасно би се покривал просторот на Блискиот Исток, Северна Африка и Централна Азија, без директно и непосредно мешање на САД (како што беше случајот сега во Либија, каде најглавната улога ја имаа Франција и Британија) кое би ги предизвикало Кина, Русија или Индија, особено во период кон САД е затресен од сериозна економско-финансиска криза.

По мое мислење, овој навидум економски концепт на "Smart Defense" кој самиот по себе е многу добро осмислен, на долг рок претставува отскочна штица кон преобразбата на НАТО во новите економски, политички и безбедносни услови во светот и новата гео-политичка карта која се позабрзано се исцртува. Сведоци сме на се поголеми промени на овој план, особено со збиднувањата во арапските држави. Овие промени дефинитивно ќе го покажат патот кон идниот развиток на светското општество и политика. Останува времето, тој неумолив и безмилосен господар на човековото постоење, да ги потврди или отфрли овие мои размисли.

За почеток...

Добредојдовте на нашиот нов блог Омнипотентната поли - клика!
Ние сме неколку пријатели, млади, убави, амбициозни, омнипотентни (впрочем како што ви укажува и името на овој блог), кои сакаме да ги споделиме нашите мисли со вас, а и меѓусебно. Она што не врзува нас се заедничките додипломски студии по Политички науки на Правниот Факултет во Скопје, а со тоа и нашиот интерес во политика, економија како и пошироките општествени случувања. Генералната идеа е да создадеме едно местенце за дискусија, со тоа што ќе постираме наши текстови, како и статии и извадоци од дела на други автори, а понатаму заедно ќе ги дискутираме и коментираме. Епа мислам дека е време да почнеме! :)

За арно, за убо нека е!