Среде целата галама која Occupy Wall Street протестите ја кренаа, анализирани и преанализирани од социолози, политиколози, држмемајколози и Драган Павловиќ Латас, би сакал да го искористам блогов да ве потсетам вас, ценети кликери и по некој залутан читател дека наближува еден често забораван и занемаруван јубилеј. Јубилејот за кој зборувам е 30 ноември, датумот на кој навршуваат 12 години од протестите во Сиетл, каде за првпат беше одржан координиран, јасно артикулиран и масовен чин на отпор против перфидното поткопување на демократијата и граѓанскиот суверенитет од страна на меѓународните финансиски институции и мултинационалните корпорации, кои под закрила на слоганот "слободна трговија" воспоставија контрола врз глобалните текови на consumer goods, на сировини, капитал и на труд, секогаш на сметка на земјите во развој и неразвиените држави.
Ние бевме малечки, па не се сеќаваме на периодот за кој Ванчо Узунов зборуваше со занес- пробивот, да не речам пенетрацијата на Светската трговска организација, ММФ и Светската Банка во повеќето земји во светот, шиткајќи една иста формула- дерегулација, даночни олеснувања, реформи на пазарот на труд, занемарување на животната средина, накратко- отстранување на сите "трговски бариери" кои и' пречат на слободната трговска размена, која секогаш, без исклучок, носи богатство, слобода и прогрес. Како идеолошка заднина на овој пробив служеа неолибералните догми кои не смееа да се преиспитуваат додека траеше бум-фазата на економскиот циклус: држава-лоша/пазар-добар, бирократија-неефикасна/бизнис-оптимизирачки, итн. Ги учевме по економските предмети на факултет, а потоа гледавме како кризата ги превртува сите на глава.
Она што мене ми падна во очи беше следното: Протестите во Сиетл и денешните протести, покрај делумното тематско поклопување, делат уште една заедничка црта, а тоа е дека демократската и либерална американска држава почна да ги репресира во истиот момент кога тие јасно го артикулираа својот политички став и правци на делување. Медиумите почнаа со кампања на оцрнување и обезвреднување на целите на луѓето кои протестираа, ги нарекуваа "хипици, анархисти, хипстери, лудаци, пензионери", иако во првите мигови, додека беа доволно небитни беа "млади луѓе кои во мал број излегоа на мирен начин да го покажат своето незадоволство од начинот на кој Вол Стрит ја деформира американската економија". Кој ги украде тие млади луѓе и ги замени со лудаци?
Протестот во Сиетл во 1999, како Occupy Wall Street, беше точка на прекршување, иако се случуваше во период на бум на глобалната економија. Откако насилно беше растурен под изговор дека анархисти (за кои многу луѓе тврдат дека биле полициски провокатори) почнале да кршат излози, откако беше прогласена вонредна состојба (!), медиумите успеаа целосно да го искриват coverage-ot и да направат нешто што во суштина беше мирен протест да изгледа како крваво пирување на разулавени толпи. Како директна последица на Сиетл беше основан сајтот indymedia.org, кој, поучен од примерот на тогашните протести, почна да нуди алтернативни толкувања на таквите настани ширум светот, честопати излегувајќи со некоја вест пред мејнстрим медиумите да дојдат до неа и на тој начин претркувајќи ја пропагандата со вести на лице место. Како директна последица на Сиетл изникнаа мал милион микро-медиуми кои нудеа и нудат поинаков поглед врз светските настани, вонинституционален, демократски и автентично граѓански.
Лично не верувам дека протестите сами по себе може да доведат до промена во политичкиот или економскиот систем, но верувам дека секој битен, суштински и добро спроведен протест со квалитетен тајминг како овој остава зад себе механизми кои претходно не биле таму, со помош на кои им се отежнува животот на оние кои би сакале да прикриваат или погрешно да прикажуваат информации пред јавноста и удобно да живеат во мочуриштето на општата политичка апатија.
Приложувам овде линкови за оние од вас кои ги интересира нешто повеќе за она што се случувало тогаш. Сами заклучете колку (и дали) има сличности со она што се случува денес:
http://mondediplo.com/2000/01/08sinai
http://www.spark-online.com/february00/esociety/duford.html
http://www.indymedia.org/en/index.shtml
http://mondediplo.com/1999/11/02george
Патем, чест ми е што ве познавам, луѓе. Ја да си кажам.
Музикава им е судена позадина на идеите во текстот.
ReplyDeleteИван, кул!
Точка на кулминација во текстот:
Кој ги украде тие млади луѓе и ги замени со лудаци?
Мое видување е дека дежурни виновници се корпоративните медиуми, длабоко вкоренетата неолиберална митологија во колективниот идентитет на масите (лумпенпролетеријатот)што оневозможува омасовување и истовремено овозможува оцрнување на движењата/протестите зошто тоа е јавноста чии (анти)интелектуални/идеолошки побарувања се задоволуваат. И повторно медиумите во една поширока смисла која го опфаќа и Холивуд и образовниот систем, како и инхерентните ризици што со себе ги носи протестот на улица како формат(можност од скриена полициска интервенција, психологија на толпа,неконтролирани поединечни инциденти што даваат можности за медиумско дискредитирање...)
Се сложувам дека анти-системските протести од ваков тип вршат еден вид естетски интервенции во контекстот, но не и длабински. Експериментирањето со алтернативни формати на дејствување, работење, организирање и живеење во микро заедници претставува еден од начините за преобмислување на протестот и протестната култура последователно,со цел поефикасна интервенција во структурата на системот. Иако за мене системот не е валиден и реалистичен концепт, туку теоретско поедноставување на реалноста во која царуваат единствено човековите односи и нивната антропо-социо-психолошка предодреденост.