Свеста за поврзаноста, блискоста и повикувањето на античките Македонци и античка Македонија кај современиот македонски народ и држава Македонија воопшто не е нова појава, како што се обидуваат да докажат одредени кругови. Напротив, не само што оваа појава е позната уште во XIX век, свеста за поврзаноста со античка Македонија во постојано и во континуитет го следи македонското национално живеење.
Пред да ги разгледаме причините за ова повикување и свест за потекло од античките Македонци кај современиот македонски народ, треба да се спомене еден многу очигледен факт околу нашата поврзаност со античка Македонија. Без оглед на сите врски (и нивното проучување): генетски, археолошки, јазични (лингвистички), културолошко-фолкористички, историски, географски, колку и да се обидуваат одредени кругови да ја одрекуваат и жестоко негираат поврзаноста на античките и современите Македонци и Македонија, сепак таа поврзаност постои. Дури и оние кои ја негираат поврзаноста да се во право со нивните аргументи, па ние да немаме ништо заедничко со античките Македонци и Македонија, самиот факт што ние ги носиме имињата Македонија и Македонци, кои пак потекнуваат од античко време т.е. античка Македон(ија), укажуваат дека сепак сме поврзани и постои врска, ако ништо друго барем врз основа на истото име (и земја) кое го носиме.
Од историјата ни е познато дека значаен дел на македонските национални дејци, револуционери, учебникари се сметале себеси и Македонците за директни потомци на царевите Филип и Александар и античките Македонци. Тука се вбројуваат Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Димитар Македонски, Никола Карев, Јане Сандански... Познати се прогласите на Македонското (Кресненско) востание од 1878 и Привремената влада на Македонија од 1880 во кои се зборува за „војска на Александар Македонски“ и се „бара реставрација на античка Македонија“. За оваа појава на свест за поврзаност со античките Македонци сведочат и странски патеписци, дипломати и дејци, а посебно и бугарски национални дејци како Петко Рачов Славејков. Сакајќи да ја искажат својата македонска национална посебност и самобитност и поврзаност со националното име Македонци (посебно во однос на културно-јазично блиските Срби и Бугари) од една страна и истовремено сакајќи да се подигне моралот кај македонските маси повикувајќи се на славната историја на Македонија од антиката од друга страна, во екот на македонското национално будење и преродба во XIX век се појавува оваа свест и повикување на потекло од античките Македонци на современиот македонски народ.
Силното идентификување со името Македонија (кое потекнува од антиката) во текот на целата национална преродба и национално-ослободителна војна почнувајќи од Разловечкото востание од 1876 чие знаме го носеше натписот МАКЕДОНИЈА и разјарениот лав, па се до НОВ и АСНОМ, укажува на тоа дека не само што нашите предци природно се идентификувале со ова име, туку и тие јасно врз основа и под името Македонци и Македонија (ВМРО, ТМОРО, АСНОМ, ПОМ, КПМ) започнале организирано национално-ослободително движење и организации со цел за создавање на своја држава и целосна национална афирмација како Македонци и Македонија. Овие факти јасно говорат и даваат одговор за тоа кој народ на Балканот единствен и од секогаш се идентификувал и (прв) го користел името Македонија за својата земја, самиот себеси и своите организации, движења и во секојдневниот живот, а посебно во контекст на негирањето на правото на нашата држава да го носи името Македонија и притисоците за негова промена.
По создавањето на македонската држава со АСНОМ по Втората светска војна и за времето под Југославија, свеста за поврзаност со античка Македонија и античките Македонци иако во многу мал и незабележлив обем, сепак постоела. Иако државната политика и доктрина на СФРЈ било словенството, сепак во историските книги во Македонија стоеле делови за античка Македонија и нејзините кралеви Аминта, Пердика, Филип, Александар. Најочигледен пример се 3 тома „Историја на македонскиот народ“ издадени во 1969 година, во чија прва книга на 15-20 страници стои дел за античка Македонија и походот на Александар Македонски. Истовремено во книгите кои ја проучувале македонската национална свест од политиколошки, социолошки и историски карактер на автори како Драган Ташковски, Славко Милосавлевски редовно се споменува повикувањето и свеста за поврзаноста со „старите Македонци“ кај дејците (Пулевски) од периодот на преродбата.
Со стекнувањето на независноста на Македонија во 1991 година, оваа појава на свест за потекло и поврзаност со античките Македонци и Македонија повторно се појавува со многу поголеми размери, ентузијазам и поддршка не само од граѓаните и граѓанското општество туку и од официјалните државни институции и установи. Уште во 1991/1992 за државно знаме на Македонија во Собранието се усвојува 16 зрачното сонце од Кутлеш, симбол на античка Македонија и кралската династија Аргеади на која припаѓале Филип II и Александар III Македонски. Токму под ова знаме на служба биле и личности кои денес жестоко се спротиставуваат на повикувањето за поврзаност (и потекло) од античките Македонци, како што се Љубомир Фрчкоски или Стојан Андов. Одредени институции и министерства (за надворешни работи и култура) за свои симболи и грбови избрале мотиви од античка Македонија. Започнало именување на улици и булевари по Александар Македонски (главниот булевар на влезот во Скопје кај Автокоманда го носи тоа име од деведесетите). Истовремено во официјалната историска наука и во рамките на образовниот систем на независна Македонија се прифаќа и се вклучува поголемо изучување на античкиот период од историјата на Македонија. За граѓанското општество вреди да се спомене дека култот кон Александар Македонски и античка Македонија доживува невидени размери низ целата држава (пр. телевизија во Гостивар, радио и такси-компанија во Кичево го носат името Александар Македонски), се печатат книги, весници и списанија на оваа тема, се основа дури и здружение „Антички Македонци“ во Богданци, се чествуваат денот на раѓањето и смртта на Александар Македонски, приватни претпријатија и установи ги носат имињата на Филип и Александар. Во новиот милениум и 21 век оваа појава продолжува и со тоа што во летото 2006 година во Прилеп и Штип се откриени првите споменици на Александар Македонски, подароци-приватни донации на бизнисмени. Кулминацијата на оваа појава на свест за потекло и поврзаност со античка Македонија се случува во периодот 2007-2008 поради повтороното актуелизирање на прашањето за името и ветото од страна на Грција на самиотот на НАТО во Букурешт на 2.4.2008.
Повторното и овој пат посилно појавување на овој феномен на македонското национално постоење во периодот на независна Македонија делумно е на истите причини како и за времето на македонската национална преродба во XIX век - зацврснување на македонската национална самобитност и свест и зајакнување на националниот морал и дух повикувајќи се на најславното минато на Македонија од антиката. Но, во овој период оваа појава за повикување на поврзаност со античка Македонија, а посебно во најновиот период од 2008 година, се покренува и од една друга причина - негирањето на правото на името Македонија и неговото присвојување од страна на Грција во т.н. „спор за името“.
Познавајќи го фактот дека името Македонија потекнува и се појавува токму со античките Македонци и Македонија, на современите Македонци, во ситуација кога Грција бара промена на името на Македонија поради тоа што „античка Македонија била грчка и врз основа на тоа името Македонија било грчко и им припаѓало само ним“, не им преостанува ништо друго освен да ги покажат, докажат или побараат своите врски и поврзаности со изворот и појавата на името Македонија - античкиот период. Во ситуација кога се негира националното име (и идентитет) Македонија од позиции дека неговиот извор и прва појава во историјата се „своина“ (припаѓаат) на Грција и од таму само таа има право на него, го предизвикува и засилува овој феномен на свеста за потекло, поврзаност на современиот македонски народ со античките Македонци и Македонија. Тоа е сосема оправдано, затоа што кога едната страна која патем не го носи и нема никаква врска со името Македонија, а се повикува на него како свое (дел до своето културно-историско наследство) врз основа на поврзаност со периодот на неговата појава и „извор“ и притоа забранувајќи го правото на другата страна да го носи тоа име, сосема е очекувано другата страна (Македонија и Македонците) исто така да се повикаат на периодот на појавата и потеклото на своето име во контекст на своја и своевидна одбрана на правото да го носи сопственото име. Токму затоа при тв-дуелот на Студио 2 на А1 тв од 19.6.2009, Паско Кузман свесно или несвесно на својот соговорник Љубчо Георгиевски на прашањето зошто толку се инсистира на врските со античка Македонија, одговори дека тоа е неопходно за да се докаже нашето право на името Македонија.
Одредени (интелектуални) кругови и дел од граѓаните незадоволни од политизацијата на овој феномен од политичките партии (па и државните институции) сосема го отфрлаат и дури жестоко се противат, често изнесувајќи лажни факти (дека тој настанал сега, се отфрлала и негирала нашата поврзаност со словенството). Одбивноста поради политизацијата кај граѓаните е сосема оправдана и легитимна, но жестокото противење на интелектуални кругови кои за жал не ја проучиле и сфатиле суштината на овој феномен е крајно неиздржано. Повикувањето на античка Македонија ниту во историјата ниту сега не го одрекува нашето словенско културно-јазично-историско наследство , впрочем и самиот Пулевски пишувал „наш цар Филип славјанин је, наш цар Александар славјанин је, наши славјански баби ги родиле“, а официјалната наша наука и образованието сеуште не учат за светите Кирил и Методиј, Климент и Наум.
Суштината на овој феномен како во минатото така и денес веќе ја кажавме: потребата од искажување и зајакнување на македонската национална свест, посебност и самобитност, подигнување и воздигнување на националниот дух и чувство преку повикување на славното минато на Македонија и во најново време потребата да се докаже и покаже директна поврзаност со потекнувањето, појавата и „изворот“ на името Македонија и правото нашата држава да го носи тоа име не наштетувајќи никому. Од аспект на политичката дебата во современото демократско општество на Македонија во 21 век, останува како високо свесни, морални и слободљубиви граѓани, со факти и аргументи да зборуваме за користа или штетата што ќе ја има македонскиот народ и држава од повикувањето на овој феномен. Тој е одамна присутен во националното битисување на Македонците како народ, во различни услови и различни размери и тоа непобитен факт кој не може да се одрече и негира. Дебата околу неговата корисност и штетност во современите услови, текови и живеење е нешто сосема друго и исходот од неа треба да е плод на здраворазумно размислување, факти и аргументи, а не ефтини пропагандни и дневнополитички фрази.