Thursday, November 24, 2011

Французите ќе владеат со светот, но не утре, утре ќе има штрајк

Општо познат стереотип за Французите е дека не се големи љубители на работата односно дека “или се на одмор, или штрајкуваат”. На многумина првата асоцијација на зборот “штрајк” им е Франција, иако таа не е ни меѓу првите десет земји во светот по просечниот број на штрајкови годишно. Но што стои всушност позади овој нивен негативен став кон работата? Во статија неодамна објавена од страна на магазинот The Economist се дава објаснување на оваа појава.

Всушност студиите покажуваат дека проблемот со француските службеници не е во тоа дека тие се мрзеливи, туку дека се лошо раководени. Според изветајот за национална компетитивност на Светскиот Економски Фроум, Французите се многу подобро рангирани во однос на работната етика од американските, британските или холандските службеници. Тие наоѓаат голема сатисфакција во работата, но се многу незадоволни од начинот на кој фирмите во кои работат се раководени.

Ова го потенцира значењето на менаџирањето на компаниите, а особено на човековите ресурси во нив, за квалитетот на самата работа. Она што е невообичаено за другите развиени земји, а е пракса во Франција, е тоа што менаџерите на големите компании обично потекнуваат од неколку престижни школи или од врвовите на цивилните сервиси, а не од самите компании. Овие луѓе се буквано “слетани” на менаџерските позиции и тоа веднаш создава голема дистанца помеѓу нив и останатите вработени. Се чини дека француските компании преферираат да ги вработуваат образовните и владините елити на овие високи позиции, отколку да им дадат шанса за напредок на веќе вработените лица. Оваа неможност за напредок на работното место, сосема природно, создава фрустрации и ја намалува мотивираноста на вработените.

Ваквата пракса го отвара прашањето дали сепак повторно има доминација на буржоазијата (условно кажано), знаејќи дека високите и престижни школи во Франција се достапни за оние со длабок џеб, а можноста за стипендирање на талентирани ученици е многу мала. Доколку високите менаџерски позиции се доделувани само или пак примарно на елитите произлезени од тие неколку школи, можноста за просечниот човек да оди нагоре по социјалната скала е многу мала. Па каде е тука l’égalité, како еднаквост на можностите?

1 comment:

  1. Интересно е да се погледне односот помеѓу социјалната мобилност и достапноста на високото образование и во нашиот контекст. Илјадници денари ви се потребни за последипломски студии и на државниот факултет. Знаеме дека со реформа на образовниот систем, стана непишано правило дека потребна ти е диплома на магистер и за најпросечно платената работа. А што е со оние кои не можат да го поднесат толкавиот финансиски товар од студирањето. Што е со сиромашниот граѓанин на Р.Македонија. Дали на овој начин останува лишен од правото да ја измени својата општествена позиција? Осуден на сиромаштија.

    ReplyDelete