Wednesday, January 25, 2012

Спортот, навивањето и градењето и јакнењето на националната свест

Понесен од прекрасните и восхитувачките победи на македонските кошаркари кои се надоврзаа и совршено поклопија со прославата на 20 годишнината од независноста на Македонија минатиот септември го напишав следниот текст: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92711924317&id=13&setIzdanie=22391 . Како млад човек кој неизмерно ја сака и почитува Македонија, а воедно активно го следи спортот и долги години ги посетува стадионите и спортските сали и истовремено се занимава со општествените феномени, се решив повторно да напишам текст околу овие појави во екот на победите на македонските ракометари на европското првенство во Србија, во чија прва фаза во Ниш и самиот бев меѓу бројните македонски навивачи.

Како што напишав уште во текстот од септември, во 21 век и ерата на глобализација, не ни се потребни војните кои шират омраза, страдања и недоверба, за да го јакнеме нашето национално чувство и припадност кон Македонија. Во денешно време тука се спортот и спортските победи, достигнувањата и успесите во културата, науката, уметноста. Спортот и самиот по себе има силна морална порака за животот на секој поединец и општествениот живот, само квалитетот е клучниот и најбитен чинител кој води до успехот. Во спортот се покажуваат и вистинскиот хероизам, пожртвуваност, патриотизам, но и човечност и моралност. Познати се случаите и на злоупотреби на спортот, но сепак неговата важност за здравиот развиток и воспитание на младите генерации се неопсорни и потребни на секое општество, посебно македонското, кое е истоштено од транзиции, поделено по етнички, верски и политички линии.

Навивањето како феномен е најтесно поврзан со спортот, а често се злоупотребува и од политиката и разни општествено-политички движења и партии. Сепак, петте дена поминати како македонски навивач во Ниш, по кој знае кој пат потврдија дека навивањето за својата репрезентација е благородна работа и воедно претставување на својата земја и култура во земјата каде што се гостува. Таков беше и позитивниот пример со бројните шкотски навивачи кои го преплавија Скопје пред некоја година, а оставија најпозитивни и светли впечатоци меѓу Македонците. Така беше и овој пат со нас Македонците во Ниш. На сите страни беа закачени македонските знамиња, шалови и обележја, во рестораните се пушташе и пееше македонска музика, се организираа македонски вечери и забави, најпријателски се дружевме и честевме со малубројните чешки и шведски навивачи, разменувајќи шалови и дресови. Одлично се забавувавме со српските домаќини, подарувајќи им огромен број на македонски дресови, шалови, капи, знамиња, шлемови од фалангата. Одејќи пеш од фан-зоната до салата „Чаир“ имав незаборавни мигови на отпоздравување со други македонски навивачи и поздравување од обични граѓани на Ниш, меѓу кои и средношколци пред гимназијата кои кога ме здогледаа ја запеаа „Македонија навива“ од Тоше Проески.

За навивањето на натправарите на нашите ракометари само пофални зборови може да се кажат. Целата сала беше обоена црвено-жолта, исполнета со македонски знамиња. Владееше чувство на највисоко македонско единство, за што сведочи и мојата кратка средба и поздравување со градоначалникот на Куманово пред кафулето Y, кој носеше шал Македонија со 16-зрачното сонце од Кутлеш и ме отпоздрави со зборовите „Одиме на победа“ :D. Пеењето на македонската химна од 4000 грла, беше чувство кое го наежува човека. Секој гол на нашите ракометари беше проследен со еуфоричен делириум и национална екстаза и пеење македонски песни. Во салата беа присутни поранешни ракометари Манасков, Кастратовиќ, јавни личности како Бубо Каров - Цацко, градоначалниците на Велес, Куманово, Центар, Ѓорче Петров, Аеродром, мали дечиња со своите родители, цели семејства, работни колективи од разни фирми сите со искрена желба за победа и љубов кон Македонија. Пред салата забележав дури и еден познаник Албанец кој работи како фризер кај мене во наелба. Се пееше, славеше и бодреше Македонија. Името на Македонија ечеше и се славеше на сите страни и покрај сите забрани и негирања од разни меѓународни организации, претставници, бирократи и сојузи. Одличните игри на нашите ракометари, не воздигнаа до небеса, на позитивните чувства им немаше крај, дури и во моментите на несреќните порази со еден гол во последните секунди. Се случи буквално македонско навивачко-ракометно „освојување“.

Навивањето во Македонија (а и на поранешните ју-простори) покрај некои негативни страни низ годините, сепак има и клучно и пресудно значење и во македонското национално будење во предвечерието на независноста на Македонија. Не е случајно што во 1987 година, навивачката група на Вардар (во тоа време единствен македонски клуб во ју-лигата, своевидна репрезентација на Македонија за која навивале сите Македонци од сите краишта) го зела името Комити. Македонските навивачи на крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите беа дел од критичната маса и најистурениот дел од цивилното општество кој се залагал за независност и самостојност на Македонија. Песната „Излези момче“ потекнува токму од тој период на раните '90, само што сега се популаризира по успесите на кошаркарите кои самите ја пееа, а од ова ракометни првенство ја научија и неколку Швеѓани, Чеси и голем број на Срби од Ниш. Имајќи предвид каква е структурата на навивачите секогаш е потребна заемна соработка и политики со владата пред се во бодрењето на националните тимови, за да нема застранувања кон расизам, национал-шовинизам и слични негативни појави. Токму затоа за големо поздравување е проектот „Македонија навива“ од 2007 година, чии навивачки песни до денес се пеат на цел глас од млад и стари.

За крај, останува да се каже дека победите на Македонија ја греат душата на секој Македонец и македонски граѓанин. Не воздигнуваат и не прават горди и вредни пред целиот свет. Затоа поздрав и поддршка до сите наши спортисти, само напред, играјте за победи, играјте за нас! Сите ние заедно сме Македонија! Напред Македонија!

4 comments:

  1. Не полемизирам воопшто околу значењето на спортските победи. Но, дали навистина можеме да ги сметаме навивачките групи во Македонија, а во прв ред Комитите, како дел од цивилното општество со оглед на факот дека честопати нецивилизирано причинуваат насилство, пеат меѓудугото и песни со изразена ксенофобична и расистичка содржина и шират говор на омраза пред што не смее да се замижува. Уште повеќе треба и соодветно да се санкционира. Зошто возбудата (радоста) од ваквите за државата/граѓаните значајни победи на крајот од денот(читај натпреварот) не треба да се катализираат во говор на омраза. Твојот текст е една од можностите како тоа може да се направи.

    ReplyDelete
  2. Би можело да се дебатира околу тоа дали навивачките групи се дел од цивилното или не-цивилното (uncivil(ized) society) за кое што пишува проф.Ванковска во нејзината книга „Меѓународна безбедност - критички пристап“. По мое мислење, навивачките групи со размерна оска од фан-клубови до (екстремни) хулигани, обединети околу одредена цел и насочени кон дејствување во општеството се сепак дел од цивилното општество. Речиси сите навивачки групи во Македонија (и светот) „Комити“, „Чкембари“, „Шверцери“ се регистрирани како здруженија на граѓани според важечките закони, што е добро затоа што доколку подлежат и се опфатат со добри закони, можат казнено да одговараат за расизам, шовинизам, нереди, тепачки, говор на омраза и слично. Не сакам никого да бранам, но кога се спомнуваат „Комити“ и останати македонски навивачки групи, треба да се споменат и албанските како „Шверцери“ или „Балисти“ (кои носат име на фашистичка организација од втора светска војна) кои исто така и тоа како шират страшен говор на омраза, национал-шовинизам и нетолеранција. Сатанизирањето на само едната страна, а замижувањето пред реалните проблеми и од другата страна ќе доведе до уште поголеми проблеми. Како и да е, од мое лично искуство (сум членувал во навивачка група) знаејќи ја структурата на луѓето кои се во најголем дел членови на навивачките групи и самата навивачка култура (насекаде низ светот), не треба да се очекува дека ова се групи кои сами по себе ќе го промовираат најсветлите идеали и вредности на демократијата, либерализмот и нашето општество воопшто. За сите нивни пропусти и лоши страни потребни се само добри законски решенија, а за нивните идеи, срца, љубов, полетност и елан секогаш треба да се отвори простор. Не е мал бројот на видни лица дури и политичари кои членувале во навивачките групи, голем дел од македонските бранители од војната 2001 беа дел од навивачките групи (Јохан Тарчуловски беше водач на „Комити“), но и фаци како Аркан биле водачи на навивачки групи (конкретно тој на „Делиите“ на Црвена Звезда). Тие се своевиден општествен феномен кој постои заради спортот, но и спортот постои заради нив (залагањето на „Комитите“ и "City Park Boys" околу опстанокот на Вардар и Работнички се најдобри примери). Треба секогаш да се биде претпазлив, зашто и меѓу најголемите умови знаат да лежат криминалци (криминалот на белите јаки, на пример). Во секој случај, спортот досега одлично ја воздигнува Македонија и македонските граѓани и треба и понатаму да го прави тоа.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Да се биде легален - регистриран не значи дека тоа го легитимизира истовремено насилството, ширењето омраза и национал - шовинизмот. А и регистрацијата на невладина организација од некој поедниец во име на цела група дивјаци не значи дека по автоматизам дивјакот се цивилизирал. Па дури и добрите закони да се применуваат, непромислениот говор на омраза ќе предизвика негативни последици по општествениот соживот,а таквиот ефект ниеден закон не може да го заузда. Уште повеќе, дефиницијата како „обединети околу одредена цел и насочени кон дејствување во општеството“ е премногу широко поставена и може да важи и за општествени организации кои не се дел од цивилното општество.
      Што се однесува на „сатанизирање на едната, а замижување пред другата страна“, за мене и Комитите и Шверцерите и Балистите се една иста како што самиот ќе речеш „структура“ на луѓе. Умрете Шиптари и Умрете Каури се слеваат во една иста мантра на неписменост, непромисленост и нецивилизираност. А тоа што Трчуловски или Аркан биле водачи на навивачки групи за мене е доказ повеќе за тоа дека членувањето во такви групи е појдовна точка само за такви личности - подоцна вмешани во воени злосторства на овој или на оној начин.

      Delete
  3. Токму тоа сакав да го кажам, да се биде легален не значи легитимација на насилството, туку можност државната власт преку законски и правни решенија да дејствува кон сузбивање на одредени лоши појави. Доколку има волја и вистински сака, нашата држава може многу лесно да ги дисциплинира „Комити“, „Шверцери“ и сите останати групи преку драконски мерки, парични и затворски казни. Пример за тоа е владеењето на Маргарет Тачер, која преку законски решенија успеа да воспостави ред до ден денешен и да го сузбие хулиганството и насилството на спортските натпревари. Друго решение наместо законско-правна контрола е целосно забранување за навивачко организирање, што не е добро решение, зашто ќе се собере убиствена разорна негативна енергија. Покрај несомнено многубројните лоши страни, пак ќе повторам дека навивањето има и добри страни. Јохан Тарчуловски иако е осуден од судот во Хаг, не може во никој случај посебно врз основа на „стореното дело“ да се рамни со Аркан (или Шешељ), тој не е тема на разговор и ќе го оставиме за некоја друга дебата иако селото Љуботен никогаш не беше етнички исчистено од Албанци (дел од Македонците беа протерани), ниту загуби значаен дел од своите жители. Како најскорешни позитивни страни и гестови на навивачките групи ќе ги споменам: хуманитарната новогодишна акција на „Мајмуни“ од Прилеп, за најзагрозеното прилепско семејство, како и акцијата за собирање пари и давање помош на семејството на Мартин Нешкоски, член на „City Park Boys“. По мое сфаќање, без разлика дали промовираат добри или лоши цели, сите групи чија област на делување е општествениот живот се дел од цивилното општество без разлика дали се законски регистрирани или не. Не може да се порекне фактот дека „вахабистите“ на Балканот не се дел од цивилното општество поради тоа што не се законски регистрирани, а сепак наметнуваат начин на живот и вредности во општеството.

    ReplyDelete