Thursday, March 29, 2012

Меѓуетничкото насилство во Македонија

По серијата насилни инциденти претежно на верска, но и на етничка основа од крајот на јануари и почетокот на февруари годинава, во месец март повторно не заплисна бран на насилства на меѓуетничка основа. Интензитетот на овие насилства, односно тепачки беше многу поголем од претходните бидејќи овој пат директен предмет на напад беа луѓето (граѓаните) и нивната безбедност, здравје и животи, за разлика од претходните инциденти со епицентар во Струшко, каде главна мета беа верски, станбени објекти, автобуси и возила. Овој нов бран на тепачки и насилства на етничка основа, открија на виделина многу очигледни проблеми со кои се соочува македонското општество и граѓани за кои досега со сила сите се правеа „слепи“ несакајќи да им се посвети должното внимание, како од надлежните установи во прв ред, така и од општествената јавност.

Најпрвин треба да се разгледа улогата на медиумите, кои во најголема мера ја произведоа напнатата и тензична атмосфера, постојано кревајќи ги страстите со на моменти крајно непрофесионалното известување за случувањата и настаните. Уште на 28.02 со немилиот настан во Гостивар кога беа убиени 2 момчиња, медиумите веднаш истрчаа со имињата и презимињата на извршителот на тој чин и жртвите, нагласувајќи ја нивната етничка припадност и со тоа давајќи му етнички рамки и димензии на овој немил настан, за кој секако надлежни се државните судски органи и органите на прогонот. Веднаш по ова поголем број на граѓани од албанска националност се кренаа на протести со делумно национал-шовинистички дејанија. Во Скопје се случи „протест“ со знамиња кој дополнително ги истакна и потенцира етничките рамки и бои на овој немил настан. Зачудува што „напредни левичари“ се приклучија кон овој протест со знамиња, знаејќи дека токму ним етничката, верската и расната припадност воопшто ништо не им значат и притоа (не)свесно рамо до рамо се едно јасно и јавно докажано профашистичко и национал-шовинистичко „граѓанско“ здружение „Разбуди се“ дополнително дадоа тежина на етничката „позадина“ на овој немил настан. Овој немил настан продолжи отворено да се злоупотребува и користи во јавните настапи на новинари и аналитичари (и Македонци и Албанци), токму со цел да се прикаже „умисла и националистичка позадина“ која треба да ги покрене страстите, па дури и да го оправда насилството на едната „страна“. Некои медиуми отидоа дотаму, без ниту еден доказ да објавуваат етничка припадност на сторителите, како што беше случајот со албанскиот портал „Журнали“ кој објави дека „македонски пиромани“ (piromanet maqedonave) го запалиле дрвениот мост меѓу населбата Хром и селото Крушопек?! Целта на ова се разбира е повеќе од јасна.

Набргу по овој настан следеше серија физички напади, меѓу кои и прободувања со нож (на момче на Бит-Пазар) речиси сите врз младинци од македонска националност, за кои медиумите постојано само известуваа со посебен нагласок на националната припадност без да се покрене поголема фама околу тоа. Набргу потоа на 7 март, се случи напад врз група младинци од албанска националност во автобусот 58, кој вистински ја покрена тензијата и серија на нови „одмазднички“ напади. Овој напад врз Албанци има своја матна позадина доколку се земе предвид изјавата што за вестите на ТВ Алфа ја даде дедо на нападнато момче, дека напаѓачите му се обратиле на албански јазик и го прашале „како си“, па продолжиле да го тепаат. Дали ова било изјавено под дејство на стрес и збунетост или свесно се изнел некој факт кој во суштина ја расветлува позадината на овие случувања нема да остане познато, меѓутоа како факт ќе треба да се земе дека притворените од полицијата за овој случај се од македонска националност. По овој настан следеа серија инциденти меѓу кои во Тетово и Ѓорче Петров од страна на напаѓачите било извикувано „вие ли ќе тепате Албанци“ што јасно ја укажува одмаздничката етничка мотивираност на нападите. Тепачките продолжија по автобуси и улици, во вистински лик на терористичка улична војна во која не се бираа цели и средства, па беа нападнати дури и 15-годишни девојчиња и 68-годишни старци. Интензитетот на тепачките се намали се до Маршот за мир (кој за поздравување беше без знамиња и симболи), но и денес се известува за тепачки но со намалена зачестеност и внимателен тон на известување.

Како најголем феномен по кој ќе остане запаметен овој бран на етнички насилства е држењето на одредени интелектуалци и јавни личности од албанско етничко потекло. Имено, знаејќи дека на еден интелектуалец наобразен со духот на човечноста, правдината, просветителството и љубовта, етничката припадност, а уште помалку и омразата треба да му се сосема непознати нешта, зачудија јавните настапи на најголемиот дел интелектуалци од албанско потекло. Речиси сите едногласно и без исклучок застанаа во одбрана и оправдување на насилствата вршени од „својата“ страна. Чесен исклучок претставувал Артан Садику член на „Ленка“ кој во личен разговор ми го посочи проф. Билјана Ванковска, од кого за жал досега не успеав ништо да прочитам. (Не)свесно давајќи след само на настаните во кои жртви беа Албанци, овие „интелектуалци“ всушност дадоа опрадвуање на насилствата, во смисол дека тие се „логичка и нормална“ реакција на „самоодбрана“ (?!). Овој запрепастувачки потег на потенцирање само на настаните во кои жртви беа Албанци е во иста линија со национал-шовинистичките дивеења и палења на македонското знаме во Косово и Албанија.

Ваквиот тесноглед и крајно етноцентричен пристап од страна на албанските интелектуалци во суштина укажува дека нормален (со)живот надвор од етничките поделби и рамки на овие простори не е возможен бидејќи освен крајно и екстремно застапување на и од „своите“ интереси и припадност овие интелектуалци воопшто не познаваат. Не познаваат ниту социјални, економски, општочовечки интереси, туку единствено и само свои етнички интереси или пак сите овие видови интереси но само во рамките и оквирот на гледање преку своите интереси. Доказ за ова е дека исклучиво сите политички елити и партии на Албанците во Македонија се засноваат само и само за „правата“, интересите и целите само на Албанците, незанимавајќи се воопшто со општите граѓански и општествени интереси, како и склоноста на овие политички елити за постојани остри и тесни национал-шовинистички и етно-центристички радикални настапи во јавноста и на политичката сцена. За разлика од условно кажано македонските „леви“ партии кај кои етно-националните (и верските) интереси немаат големо влијание, воопшто не постои таков случај кај албанска партија, здружение, интересовна група. Жалосно е што воопшто во македонското општество и политички систем не постои ниту заедничко движење, партија или платформа на граѓани со различно етничко потекло поврзани околу општествени, економски и различни други интереси и цели. Рамковниот договор и консоцијалниот модел воспоставен со него, кој има силни центрифугални оттргнувачки сили, кои во суштина прават да живееме како во федерација на две единки и племенски заедници и понатаму во иднина само ќе ги потхранува овие поделби се до крајниот стадиум на распад кога веќе ќе биде сосема јасно дека не е возможен ниту пак има една заедничка основа за натамошен заднички живот.

За разлика од свесноста и совеста на „македонската“ интелектуална јавност која доследно и остро ги напаѓа, разоткрива, критикува и „демистифицира“ сите можни појави на македонски национал-шовинизам, кај „албанската“ интелектуална елита воопшто не постои такво нешто, туку напротив таа најчесто е во служба и најотворена поддршка на великоалбанскиот национал-шовинизам кој се покажа како многу крвав, насилен и екстремен во последниве 2 десетлетија на преминот од XX во XXI век. Не треба да зачудува фактот зошто „граѓанско“ здружение само еднострано осудува инциденти во кои жртвите се само со една етничка припадност. Не треба да не зачудува и фактот што албанските политички партии, интелектуалци и аналитичари постојано повикуваат на почитување и спроведување на Рамковниот договор, а забораваат дека една од одредбите во него е враќањето на раселените Македонци и Срби во Арачиново и Матејче кои веќе 11 години не можат („не смеат“) да се вратат, а нивниот имот, а во одредени случаи и живот се постојано мета на напади и сето тоа воопшто не е осудено од напредна интелектуална елита, било македонска било албанска. Сето ова укажува дека спрегата на албанската политичка и интелектуална елита, спремноста за насилство и системот на сврзани садови со Косово и Албанија, секој можен инцидент, кој може да биде свесно предизвикан од самите нив брзо ќе биде инструментализиран за „сеопшта национална“ акција. Ова не е случај само денес како пример треба да послужи и погромот на неалбанското население (предимно Срби) во март 2004 што се случи на Косово, кога како причина беа земени 2 удавени албански момчиња во река, а насилствата и нападите врз цивили, станбени и верски објекти зафатија размери на целата територија на Косово, дури и до 100 километри одалеченост од местото на тој настан.

Иако отворам можност за критика врз основа на стереотипизирање, ќе го поздравам однесувањето на граѓаните во оние средини каде Албанците се малцинство, бидејќи воопшто не беа мета на напади. Граѓаните од овие предели успеаа да покажаат мирољубивост и висока граѓанска и општочовечка свест што е доказ за желбата и пример за заеднички живот, со надеж дека тоа ќе биде образец за цела Македонија и Балканот.

Земајќи ги предвид сите можни чинители и причини за појавата на насилството во општеството од економско-стопански, политички, образовни, културни, во дадениов случај не можат да се пренебрегнат етничко-националните. Нивниот конфликтен и разорен потенцијал и моќност е огромна, исто како и мобилизирачко-покренувачката сила која ја имаат посебно кај Албанците. Државните установи, регионалните и меѓународните фактори треба што поскоро да ги согледаат овие чинители и да покажат силна волја за нивно надминување и тоа во нивната суштина и корен, затоа што минатото на овие простори не учи дека ненавменото и несуштинското дејствување врз овие штетни појави ќе има и повеќе од катастрофални и трагични последици кои на крајот на краиштата подеднакво го болат и засегаат секого без разлика на неговата припадност.

No comments:

Post a Comment