Thursday, November 24, 2011

Збор-два за Кина


Не е веќе прашање дали но како Кина ќе ја практицира својата моќ во иднина како држава која заради својот економски раст станува се подоминантна светска сила. Мерењето на силата на државите во меѓународниот систем се занимава со економските и воените параметри. Она што ги интересира луѓето кои не го гледаат светот само низ призмата на ваква моќ, се вредностите и принципите за кои ќе се залага Кина. Ваквото прашање најмногу ги интересира политиколозите затоа што политичкиот систем е оној кој во најголема мера е рамката за објаснување на однесувањето на една држава. Уставно, Кина е Република со една доминантна партија. Практицирање на степен на демократија е карактеристичен само внатре Комунистичката Партија на Кина која е децентрализирана низ целата територија на земјата. Предвидувањата се дека Кина во наредните десетина години ќе се фокусира на внатрешен развој на земјата и поголемо производство за домашна употреба отколку  извоз. Ова е сосема паметна одлука за држава која ја познава својата моќ и знае дека за да може да ја практикува во иднина, мора да создаде внатрешен капитал, развиен институционален систем кој не мора да значи и демократски каков што навидум го познаваме на Западот. Квалитетот и структурата на една демократија можат да имаат различни карактеристики. Кинеските аналитичари предвидуваат дека за дваесетина години Кина ќе биде подемократски режим што исто така е нормален тек на настаните доколку се повеќе се вложува во образование, наука и култура. Исто така, Комунистичката партија најверојатно ќе биде поле на внатрешни фракции кои постепено би можеле да го претворат партискиот систем во мултипартиски (повеќе партии). За ова да се случи, потребно е да се развива опозиција и која ќе застапува нерепрезентирани легитимни интереси. Сепак, очигледна е внимателноста со која Кина и пристапува на демократијата затоа што во моментот се покажува како прилично неефикасен систем кој е далеку од целта која сака да ја постигне: поголемо учество на граѓаните во донесувањето на одлуки и креирањето на политки за доброто на општеството. Очигледни се и дилемите на светските сили како САД, Германија кои внимателно ја следат Кина на економско и политичко ниво и обидите да се влијае на односите со Кина уште сега додека сеуште таа го нема достигнато својот полн потенцијал.
Како малите држави, номоќни и со речиси никаков глас на меѓународната сцена треба да се постават во време на вакви меѓународно- политчки услови? Малечките држави можат да учат од светските сили но уште повеќе од државите во развој. Нешто слично на она што Кина во моментот го практикува: соочување со домашните проблеми на соодветен и автентичен начин а не беспоговорно прифаќање на секоја меѓународна идеја и стандард кои може сосема да го извитоперат изгледот на дадено општество. Кина до некаде ја следи својата Конфучијанска вредносна идеологија на “златна средина” која го прави нејзиниот мирен подем избалансиран, а сепак перцепиран како закана од многу земји. (во моментов не изразувам став по негативните страни на Кинескиот пристап кон својата внатрешна и надворешна политика). Мала држава како Македонија не може да биде перцепирана како закана, а доколку се појават такви перцепиции, се работи за тотален апсурд. На Македонија и останува да учи малку повеќе од принципот на златната средина која би значела соочување со својот потенцијал и внимателно инвестирање онаму каде што постои. Без многу дилеми, областите во кои Македонија може тоа да го прави се туризмот, земјоделието, образованието, нормите, уметноста, архитектурата и иновативноста во овие области.

2 comments:

  1. Одличен напис, Олимпија! Би сакал да издвојам некои реченици/ставови кои особено ми се допаѓаат, односно ми оставија впчеаток:

    1. „соочување со домашните проблеми на соодветен и автентичен начин а не беспоговорно прифаќање на секоја меѓународна идеја и стандард кои може сосема да го извитоперат изгледот на дадено општество. “

    - Затоа што токму во тоа е суштината на политичкото дејствување на државите и сите ентитети во даден простор. Разрешување на своите проблеми или остварување на своите цели на свој автентичен начин врз основа на условите во кои дејствуваат или суштествуваат. Секој (западен, источен, европски) совет е добронамерен и треба да се разгледува, но беспоговорното прифаќање може да доведе до огромни неуспеси и пропасти. Затоа воопшто не успева „извозот на демократија“ во други земји, кој притоа не е прилагоден на тамошните автентични услови.

    2. „Мала држава како Македонија не може да биде перцепирана како закана, а доколку се појават такви перцепиции, се работи за тотален апсурд“

    - Ова една голема вистина, што ние како Македонци (индивидуално но и колективно преку граѓанското општество) треба да ја претставуваме пред целиот свет и светското јавно мислење, затоа што Грција за жал проблемот со името (фактот што нашата држава го носи името Македонија) пред меѓународните институции ООН и СБ на ОН го претставува како безбедносен проблем и закана не само по неа туку и по целиот регион.

    * Земјоделието, земјоделско-преработувачката и прехранбената индустрија според мене треба да се срцевина, јадро и темел на македонската економија. За нив имаме огромен број суровини (земја, плодови, зеленчук, овошје, стока), побарувачката за храна секогаш ќе постои и во времиња на најстрашни и најголеми економски кризи и географската положба ни е идеална за овој тип на стопански активности.

    Уште еднаш големо браво за написов и голем поздрав од мене.

    ReplyDelete
  2. Се слагам со тебе. Што друго и да претставува Кина, таа симболизира растечка алтернатива на униполарниот свет воден од еден неодговорен хегемон како САД.

    Треба да фрлиме бегло да фрлиме поглед врз огромните африкански пространства во кои Кина носи инфраструктура наместо војни, инвестиции наместо колонизација. Секако дека ја мотивира сопствениот себичен интерес, но начинот на кој таа тој интерес го остварува е крајно различен од пристапот на западните земји.

    Сметам дека Македонија може да оствари соработка со НР Кина, но треба да ни биде јасно дека Кинезите оперираат со масивни проекти, и доколку сакаме да им бидеме интересни, треба да им понудиме инфраструктурен потфат кој ќе им понуди и на двете страни шанса да профитираат. Проектираниот систем на хидроцентрали долж Вардарската долина е таков еден потфат. Доколку реката може да се направи пловна, ова би било златна шанса за нашата економија да добие крвен сад по кој ќе потечат нови трговски линии.

    Македонската железница е исто така крајно дотраена и неразвиена. Инвестиција во довршување на Коридор 8 и поврзување со Бугарија и Албанија многукратно би се вратила на инвеститорот и на македонската економија.

    Се' друго треба да биде споредно. Гигант како Кина размислува шаховски, каде светот и' претставува табла, а ние сме едвај со големина на пиун.

    ReplyDelete